Тоше Проески Дочекан на нозе, со овации, вресоци, транспаренти „Тоше, те сакам“, „Тоше, ти си нашата ѕвезда“, завчеравечер во Универзалната сала, Тоше Проески уште еднаш ја потврди својата хуманост и го одржа традиционалниот хуманитарен концерт „Со музика за живот“. Облечен во кафено палто, шалче и искинати фармерки пикнати во чизми, самата појава на Проески на сцената овој пат специјално послана со рози, предизвика делириум во преполната сала. Првите тактови на „По тебе“ значеа и почеток на ноќта во која се пееше и играше од почеток до крај, ноќ која и да траеше 24 часа ќе беше прекратка за жедните обожавател(к)и на Тоше Проески. „Одамна не сум имал концерт дома, често патувам, не сум се прибрал. Не знаете колку добро се чувствувам вечерва“, рече Проески, продолжувајќи ја вечерта со своите најголеми хитови. Ги слушнавме „Ден за нас“, „Рузвелтова 3“ (и' ја посвети на Весна Бејби), „Ако ме погледнеш во очи“, „Далеку од мене“, „Ангел си ти“, „Соба за тага“, „Лејди“, „Срце није камен“, „Љубена“, „Чија си“..., во преубава, распеана и разиграна атмосфера и публика каква што секој пејач може да посака, на моменти погласна и од самиот Тоше. Во знак на благодарност, Проески се поклони и клекна на колена, навестувајќи го вториот дел од завчерашниот хепенинг. На изненадување на многумина, Тоше го видовме во едно поинакво светло - со гитара во раце и изведба на неколку свои и светски хитови. Одлично прозвучеа „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Громови на душа“, „Fragile“ (Стинг) на „жички“ и придружба на уште тројца членови од бендот „Блу фанки индивидуалс“... Вистински морници предизвика изведбата (без проба) на „Bed of Roses“ од Џон Бон Џови, а малку потоа следуваше и финиш со „Твоите бели кошули“. Цвеќе, мечиња, изјави на љубов беа задолжителен подарок од публиката на која не и' помогнаа ниту скандирањата, ниту извикувањата Тоше да се врати на сцената. По два и пол часа жестока и без паузи свирка, Проески, како што рече и самиот, замина мирно да спие. Средствата од неговиот петти хуманитарен концерт ќе се наменат за доопремување на Клиниката за детски болести во Скопје. Браво Тоше!
Информация по комментариям в разработке